Песков: Потегот на Иран за ЈЦПОА предизвикан од избрзаната политика на Вашингтон

Иранската одлука за суспендирање на дел од своите обврски од Заедничкиот сеопфатен акционен план (ЈЦПОА) за иранскиот нуклеарен договор е предизвикана од избрзаните чекори преземени од Вашингтон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков,пренесува ТАСС.

„Претседателот Путин во неколку наврати разговараше за последиците од избрзаните чекори во врска со Иран, односно одлуката што ја донесе Вашингтон. Гледаме дека овие последици почнуваат да се појавуваат”, рече тој.

„Ситуацијата е сериозна и јасно е предизвикана од претходните одлуки на Вашингтон]. Путин изјави дека лошо замислените субјективни одлуки доведуваат до неоправдан притисок врз Иран и предизвикуваат понатамошни непожелни чекори, за кои сега сме сведоци”продолжи Песков.

Песков потсети дека Путин во неколку наврати ги реафирмираше обврските на Москва кон ЈЦПОА, истакнувајќи ја важноста и неопходноста на овој договор. Тој додаде дека Москва ќе одржува контакти со своите партнери потпоисници на ЈЦПОА за да го спаси договорот.

„Се разбира дека руските дипломати ќе продолжат да разговараат на оваа тема со своите партнери, вклучувајќи ги и европските партнери,за да се одржи договорот”, истакна тој.

Песков додаде дека е премногу рано да се зборува за можни санкции против Иран поради одлуката на Техеран.

„Сега само треба правилно да ја процениме ситуацијата и да размениме ставови по ова прашање. Треба да ја анализираме оваа ситуација и да воспоставиме контакти на ниво на министерствата за надворешни работи”, рече Песков.

Официјалниот претставник на Кремљ додаде дека Путин не планира да се сретне со иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, кој моментно е во посета на Москва.

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска објави дека Техеран делумно ќе ги прекине своите обврски во рамките на ЈЦПОА. Во прашање се две клаузули од договорот во врска со прекинот на продажбата на збогатен ураниум и тешка вода на Иран.

Рохани додаде дека другите страни на договорот имаат 60 дена да ги исполнат своите обврски во врска со банкарската сфера и прашањата поврзани со трговијата со нафта.

Треба да знаете
Последни објави