Дури 6,2 милиони возрасни граѓани на Германија не се во можност да прочитаат и разберат текст на германски јазик, покажува студија на Сојузното министерство за образование, чии делови беа пренесени од страна на германските медиуми извештај.
„Кај повеќе од половина од граѓаните со проблеми во читањето, германскиот јазик е мајчин јазик. Остатокот израснале со некој друг јазик како мајчин“, вели Анке Гротлушен, една од авторите на студијата за неписменост наречена „Лео 2018 – живот со ограничена писменост“. Инаку, Германија има вкупно 82 милиони жители.
Според студијата, над 60 проценти од луѓето со ограничена писменост имаат постојано вработување.
Германската министерка за образование, Ања Карличек, во врска со студијата рече дека политиката не треба да попушти во борбата за писменост кај возрасните.
„Кај возрасните е особено проблематично да соберат храброст и да признаат дека имаат проблем со писменоста“, рече Карличек.
Коавторката на студијата Гротлушен смета дека е важно да се отстранат табуата од проблемот со ограничена писменост.
„Потребни се повеќе понуди и програми за писменост кај возрасните“, изјави Гротлушен за германската новинска агенција (ДПА).
Синдикатот на вработени во образованието и науката (GEW) порача дека вака големиот број на полуписмени луѓе во земјата е неприфатлив.