Францускиот претседател Емануел Макрон денеска присуствуваше на церемонијата на одбележување 74-годишнина од победата на 8 мај 1945 година, при што го разгоре пламенот на гробот на Незнајниот војник под Триумфалната порта, јави дописникот на МИА.
Под силно обезбедување, поради стравување од можни протести на „жолтите елеци”, Maкрон прво отиде на плоштадот Клеменсо, каде што положи цвеќе на статуата на генералот де Гол. Шефот на државата беше придружуван од премиерот Едуард Филип и од претседателите на националното собрание, Ричард Феран и Сенатот Жерар Ларше. Со звуците на војничката труба и со едноминутно молчење во чест на загинатите го одбележаа овој момент. На почетокот на официјалната церемонија, внукот на генералот Де Гол му се обрати на Макрон, велејќи му дека „Република е добра, благодарејќи на Вас”.
Во придружба на Републиканската гарда, францускиот претседател потоа преку Шанзелизе стигна до Триумфалната порта, кој е реновирана во рекордно време, откако беше вандализирана на 1 декември, за време на протестите на „жолтите елеци”.
Опкружен со воените шефови и претставници на борците, отпорот и депортираните, Макрон подоцна положи венец и го разгори пламенот на Непознатиот Војник, по што одекна Марсејезата.
На свеченоста беа присутни и поранешниот шеф на државата Франсоа Оланд, како и неговиот претходник Никола Саркози.