Први детали од долго очекуваниот план на претседателот на САД Доналд Трамп, таканаречениот „договор на векот”, објавија израелски медиуми на хебрејски јазик.
Деталите циркулирале меѓу официјални претставници во израелското Министерство за надворешни работи, но, засега не ги потврди ниту една заинтересирана страна.
Деталите се објавени во весникот „Израел Хајом” (Израел денес), близок на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
САД најавија дека ќе го претстават планот по светиот муслимански месец Рамазан, кој се очекува да заврши на почетокот на јуни.
Според весникот „Израел Хајом”, ќе биде потпишан трипартитен договор меѓу Израел, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и Хамас.
Палестинската држава наречена Нова Палестина ќе биде основана во Појасот Газа и на Западниот Брег, без територијата на која се наоѓаат еврејските населби.
Еден од авторите на договорот е советникот на Трамп и негов зет, Џаред Кушнер.
Договорот се подготвува две години, а Палестинците во меѓувреме ги прекинаа контактите со Белата куќа, бидејќи Трамп го призна Ерусалим како главен град на Израел, и ја пресели американската амбасада од Тел Авив во него.
Ерусалим нема да биде поделен меѓу Израел и Нова Палестина, туку ќе биде главен град и на Израел и на Нова Палестина, а арапските жители на овој град ќе бидат граѓани на Нова Палестина.
Статус квото на светите места ќе остане во сила, а на Евреите нема да им биде дозволено да купуваат арапски куќи и обратно. Дополнителни области нема да се припојуваат кон Ерусалим.
Египет ќе и понуди на новата палестинска држава земја да изгради аеродроми и фабрики, меѓу другото.
Страните кои финансиски ќе го поддржат спроведувањето на тој договор се САД, ЕУ и земјите богати со нафта од Заливот.
Тие ќе обезбедат буџет од 30 милијарди долари за пет години за национални проекти во Палестина.
Тој буџет ќе ја вклучи и цената за поврзување на еврејските населби со Израел.
САД ќе платат 20 отсто од таквите проекти, ЕУ 10 проценти, а земјите од Заливот останатиот дел.
Нова Палестина нема да може да формира армија, но ќе има полиција, која ќе биде само лесно вооружена.
Меѓу Израел и Нова Палестина ќе биде потпишан договор за заштита врз основа на кој таа ќе му плати на Израел да ја брани од странска агресија.
По потпишувањето на договорот, Хамас ќе го положи целото свое оружје, вклучувајќи го и личното, на египетските власти.
Членовите на Хамас, вклучувајќи ги и лидерите, ќе продолжат да добиваат плата од држави, кои се обврзаа да го поддржат формирањето на владата. Појасот Газа ќе биде отворен за сообраќај на стоки и работници во Израел и Египет.
Демократските избори ќе се одржат во рок од една година и ќе биде избрана новата палестинска влада.
Една година по изборите и формирањето на новата влада, постепено ќе се ослободуваат Палестинците од израелските затвори во текот на три години.
Границата меѓу Нова Палестина и Израел ќе биде отворена за сообраќај на луѓе и стоки, како што е случај со пријателски земји.
Автопатот, кој ги поврзува Западниот Брег и Појасот Газа, ќе биде подигант 30 метри над територијата на Израел, а 50 отсто од изградбата ќе ја плати Кина, додека остатокот, или 10 отсто, Јужна Кореја, Австралија, Канада, САД и ЕУ.
Долината на реката Јордан ќе остане под контрола на Израел. Нова Палестина ќе има премини во соседен Јордан под нејзина контрола.
Во случај Хамас и ПЛО да одбијат да го потпишат тој договор, САД ќе ја суспендираат целата финансиска поддршка за Палестинците и ќе се погрижат ниту една земја да не им испраќа пари.
Ако ПЛО го потпише договорот, а Хамас и Исламскиот џихад одбиваат, лидерите на тие две организации ќе се сметаат за одговорни.
Во случај на нова војна меѓу Израел и Газа, САД ќе го поддржат Израел да ги убива тие две организации.
Ако Израел одбие да го потпише договорот, САД ќе ја укинат финансиската поддршка за земјата, која во моментов изнесува 3,8 милијарди долари годишно.