ЕХФ ждрепката посака Вардар да ги одмери силите со Барселона во првиот меч на фајнал-фор турнирот во Келн, нешто што во превод значи реприза на полуфиналето од пред две години кога нашата ракометна гордост ја освои првата историска титула во Лигата на шампионите.
Вардар пред две години на драматичен начин ја нокаутираше фаворизираната Барселона, а ако тогаш нашиот тим беше огромно изненадување и вистинско освежување на завршниот турнир, сега сите со максимален респект гледаат кон тимот од Скопје кој трета година по ред се пласираше на финалното натпреварување. Каталонскиот гигант повторно ќе влезе како фаворит во полуфиналната пресметка, но капитенот Виктор Томас е само еден од низата ракометари кои сметаат дека Вардар има квалитет одново да биде европски првак.
– На фајнал-фор никогаш нема фаворити, особено нема кога се игра само еден натпревар. Се може да се случи на завршниот турнир, а тоа е безброј пати докажано на дело. Вардар е многу опасен тим, во четвртфиналето видовме дека станува збор за одличен тим кој ќе биде многу комплициран за нас. Игравме меѓу себе и знаеме дека станува збор за фантастичен тим кој има врвни играчи на секоја позиција. Ќе биде многу интересно на фајнал-форот, но ние сме фокусирани само на нас, ќе се обидеме да го дадеме најдоброто, – порача капитенот Виктор Томас во изјава за официјалната страна на Барселона.