Владата на Република Северна Македонија денеска ќе одржи редовна седница, на која, меѓу останатото, ќе расправа за Предлог – законот за изменување на Законот за земјоделство и рурален развој, како и за Информацијата за креирање на политиките и спроведувањето на реформа во шумарскиот сектор во земјата.
На седницата ќе биде разгледана и Информацијата за одржаниот 8.состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација во рамки на Комитетот за стабилизација и асоцијација во Скопје.
Меѓу точките на дневен ред е и Информацијата со предлог Акциски план за развој на културата на Ромите согласно со Стратегијата за Роми 2014-2020, а ќе биде претставен и Извештајот за текот на работата при изготвување на нацрт верзијата и акцискиот план за спроведување на Националната стратегија за развој на концептот за „Едно општество и интеркултурализмот”, со предлог одлуки.
На барање на Собранието, Владата треба да донесе мислење за годишните извештаи за 2018 година за работата на Македонската радио телевизија, на Агенцијата за електронски комуникации, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Редовната, 134. седница на Владата е предвидено да започне во 14 часот.