Хакери украле биткоини во вредност од 41 милион долари од берзата „Бајненс“, една од најголемите берзи за криптовалути во светот, соопшти денеска оваа компанија.
Ова е, според „Ројтерс“, најнова во серијата кражби од криптоберзи ширум светот.
Хакерите украле 7.000 биткоини користејќи разни техники, вклучувајќи кражба на идентитети, вируси и други напади, стои во соопштението на веб-страницата на берзата.
Во објавата се додава дека фондовите на корисниците нема да бидат засегнати од овој напад, бидејќи компанијата ќе го искористи својот фонд на безбедни средства за да ги покрие загубите.
Вестите за хакирањето предизвикаа цената на биткоините да падне за дури 4,2 проценти на раната азиска берза, но сепак нешто подоцна успешно се повратија дел од загубите.
Минатата година од берзите беа укредени криптовалути во вредност 950 милиони долари, што е речиси за 260 отсто повеќе во споредба со една година претходно, според истражувањето на американската компанија за сајбер-безбедност „CiptherTrace“.