Претседателот на Постојаната комисија за европски прашања на Претставничкиот дом на Холандија Хајке Велдман на денешната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери упатил честитки за успешно спроведените уставни измени и имплементацијата на Преспанскиот договор, како и за успешно спроведените претседателски избори.
Велдман, како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, истакнал дека на своите колеги во Холандскиот парламент ќе им ги презентира сите информации и мислења што ги добил во врска со нашата европска агенда и нејзината имплементација. Искажал и подготвеност во името на Комисијата што ја предводи за плодна и конструктивна дебата во Холандскиот парламент.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери и Велдман размениле информации и мислења во врска со нашата европска агенда и реформите кои следат на патот кон утврдување на датумот за преговори со ЕУ.
Џафери изразил задоволство од досегашната соработка и поддршка на Кралството Холандија на нашата земја преку разни проекти и изразил надеж дека, во наредниот период, парламентарната комуникација и соработка ќе се интензивира на едно повисоко ниво.
– Џафери ја искористи можноста на оваа средба да ги информира непосредно гостите од Холандија за тоа што е направено во досегашниот процес на реформи кои се прават во функција на добивање на датум за преговори со ЕУ. Имено, тој се осврна конкретно на реформите во областите на владеење на правото, јавната администрација и реформите на разузнавачките служби, ги информираше гостите за секоја област одделно и за тоа до каде се застанати процесите на имплементација на веќе донесените законски решенија и изрази надеж дека, до донесувањето на одлуката на Европската Унија за почеток на преговори со нашата земја, сите обврски ќе бидат завршени, се наведува во соопштението.
На средбата претседателот на Собранието на Република Северна Македонија изразил задоволство од успешно спроведените претседателски избори и нагласил дека, тоа е уште еден аргумент во полза на добивањето на датум за преговори.
-Јас, како претседател на Собранието ќе продолжам како и досега да ги артикулирам интересите на сите пратеници во Собранието, особено во мојата комуникација со опозицијата, затоа што сум претседател на сите пратеници и Ве уверувам дека сме на добар пат, рече претседателот Џафери.
Велдман и членовите на Постојаната комисија за европски прашања и претседателот на комисијата, Хајке Велдман, се заблагодариле за можноста да се информираат директно од претседателот за реформските процеси кои се во надлежност на Собранието.
Заклучокот од средбата, според соопштението од Кабинетот на Џафери, е дека сме на добар пат и дека така и треба да продолжиме.