Министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ се сретна со директорот на саемот „Хелекспо” Кирјакос Позрикидис, претседателот на одбор на директори на CMFO SA (Единствен пазар и риболовна организација) Михаил Митилинакис, директорката на CMFO SA Стефаниа Георгакаку, претседателот на македонската новинарска агенција во Атина Михаил Псилос и директорката на Скопски саем Даниела Глигоровска.
Како што соопштува Цветанка Петрова, советник во кабинетот на министерот, претставниците од „Хелекспо” го информирале Шапуриќ дека неодамна е формирана Балканска асоцијација на саеми, во која членуваат саемски организации од Љубљана, Загреб, Белград, Пловдив, Будва, Солун и Скопје, а со која моментално претседава саемот од Солун-„Хелекспо”, а заменик претседавач е Скопскиот саем.
Со цел зголемување на трговската соработка меѓу компании од земјите членки, Асоцијацијата има план, во текот на оваа година да организира Регионална конференција.
Министерот Шапуриќ информираше дека Владата на Република Северна Македонија е силно посветена кон евроатланските интеграции кои ќе претставуваат отстранување на сите пречки во трговската размена помеѓу земјите членки на Асоцијацијата. Исто така, го нагласи и подобрувањето на односите меѓу нашата држава и Република Грција, особено во економскиот дел.
На крај, беше изразено задоволство од досегашната соработка, како и надеж за нејзино интензивирање во иднина, кое ќе придонесе подобра економска состојба во регионот, се наведува во соопштението.