Амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда, престојуваше во Битола, при што оствари средба со градоначалничката Наташа Петровска во нејзиниот кабинет. На средбата гостинката изрази голем интерес за градот Битола, неговата местоположба, актуелната состојба во образованието и културата, како и за економските услови во однос на напредокот на процесот на гасификација и топлификација. Градоначалничката Петровска ѝ се заблагодари на амбасадорката за покажаниот интерес за подобрување на условите во образованието и донацијата од страна на амбасадата наменета за училиштето „Св. Климент Охридски“.
Со кратка пригодна програма на јапонски танци и македонски ора беше дочекана амбасадорката Кеико Ханеда во ОУ „Св. Климент Охридски“, во присуство на градоначалничката, советници од Општина Битола, директорите на останатите училишта, наставници и голем број соработници. Потоа делегацијата ги разгледа постигнатите резултати од Проектот за подобрување на училишната средина во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Битола преку рехабилитација на објектот кој е одобрен од GGP програмата на Амбасадата на Јапонија, преку кој се постави комплетна дограма во училиштето, во вредност од 50.000 евра.
„Особено ме радува и ми значи ваквиот вид поддршка во образовни институции затоа што сите знаеме зашто токму таму е ‘ркулецот на она што значи создавање нквалитет во општеството. Голема благодарност до јапонската амбасада за сериозната поддршка кон нас како општина, а ваквата подадена пријателска рака и во иднина ќе ја чувствуваме“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
„Народот на Јапонија, како ваш пријател е среќен кога ги гледа насмевките на учениците во училиштата. Нашите две земји прославуваат 25-годишнина дипломатски односи и планирани се многу настани. Јапонската соработка со Битола има долга историја. Битола е првиот добитник на гранд-програмата ‘Џиџипи’ за мали проекти уште во 1998 година кога Болницата од Битола беше добитник на јапонската донаторска програма за медицинска опрема“, посочи амбасадорката Кеико Ханеда.
„Иако нашето училиште е едно од поновите во градот, сепак имаше потреба од промена на дограмата. Со новата дограма, не само што има подобри услови за нашите ученици, туку и самото училиште има поголема енергетска заштеда“, истакна директорката на ОУ „Св. Климент Охридски“, Гордана Анастасова.
Работната посета на Битола амбасадорката Ханеда ја искористи за прошетка по Широк сокак, која ја нарече „една од најубавите улици во Македонија“. Во агендата на амбасадорката се најде и посетата на Заводот и музеј во Битола, при што, заедно со градоначалничката Петровска, ги посетија музејските поставки.