Антикорупциска отвори постапки против Заев, Анѓушев, Манчевски, Мерко, Вангеловски и Пановска

Државната комисија за спречување на корупција отвори постапки за злоупотреба на службената положба кај в.д. директорката на Хематологија, Ирена Пановска, за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. За комисијата спорна е набавката на автомобили кај Вангеловски и Мерко, а во случајот кај Пановска ќе се истражува дали се прекршени законите при трндерската постапка за набавка на лекови, тендер кој го добива фирмата Др. Пановски, во сопственост на нејзиниот татко Златко Пановски.

Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска по пријава на ВМРО- ДПМНЕ отвори постапки за одделни пет предмети за случаи поврзани со власта, и најави уште еден за судир на интереси. Отворени се постапки за предметите „Глобал”, „Едно евро за црквата, едно за Вицето”,  за фирмата „Тополки” за доделување земјиште за хидроцентрала Тополки, за предметот “Земјиште во касарна” поради сомневање дека Сашо Брндевски купил 18.462 метри квадратни по повластени ниска цена од тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев, за грчките фирми на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски и постапка за предметот “Бугарските фирми на Заев”.
– За фирмата “Тополки” каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата Феро инвест, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител и има доделено градежно земјиште по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата Тополки, појасни Ивановска.
На нејзин предлог е отворен предмет и за продажба на земјиштето кај Холидеј ин за сомнежи поврзани со негово окрупнување, но и за загрозување на животната средина.

Антикорупциска го отвора предметот по допрен глас, информации објавени во медиумите, но и по пријава поднесена од група доктори. Според антикорупционерите, во пријавата има многу наводи за нерегуларности кои допрва треба да се испитуваат. Во пријавата била наведено дека Пановска унапредува свои луѓе на раководни позиции и дека ја имала поддршката од министерот Венко Филипче и од министерката Радмила Шеќеринска.

Дополнително ќе се утврдува дали Пановска доставила анкетен лист при второто нејзино назначување за в.д. директор.

Против Рамиз Мерко е отворена постапка за набавката на четири возила во вкупна вредност од 114.000 евра. Ќе се истражува дали Мерко ја злоупотребил својата положба при набавката и потребата од набавка на „ауди А6“ во вредност од 67.000 евра во ситуација кога Општината е задолжена и добива средства од Владата за да ги исплати своите долгови. Антикорупционерите цитираа написи во медиумите каде Мерко дава изјава и вели дека го купил аудито затоа што под чест му е да се вози во „шкода“.

За набавка на возило е отворена и постапката против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Антикорупционерите ќе истражуваат дали Вангеловски ја злоупотребил својата положба за лична корист кога набавил „БМВ“ од 40.000 евра.

Треба да знаете
Последни објави