Кочанчани и кичевци пијат скоро десет пати поскапа вода за разлика од домаќинствата кои се регистрирани во Куманово, дознава 24 инфо. Според последниот Извештај на Регулаторна комисија за енергетика кој во монетов е во собраниска процедура, лани во Кичево кубик вода чинел 24 денари, а во Кочани дури 39 денари. Но затоа во Куманово цената на водата била намалена за скоро 40 отсто за разлика од 2017 и лани тие плаќале само 4,33 денари за метар кубен вода. Цените на водата по градови се различни и се движат во рамки од 4,33 во Куманово, Дебар 14 денари, Битола 27, Кавадарци 16 ден, а Неготино 20.
-Водната услуга снабдување со вода за пиење или водоснабдување во подрачјата со над 10.000 еквивалент жители во Република Северна Македонија, ја даваат вкупно 29 даватели на водни услуги, покривајќи ги делумно или целосно потребите за вода за пиење на следните општини: Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Берово, Виница, Кочани, Пробиштип, Штип и други- стои во извештајотод Регулаторна. Во посебни табели дадени се податоци врз кои сенаправени анализи. Однив се гледа колкави се тарифите за водоснабдување за 2017 и 2018 година по категорија на корисник. Од анализата може да се забележи дека кај 18 од 28 анализирани даватели на водната услуга, во 2018 година има зголемување на тарифата за домаќинствата во однос на 2017 година, кај 6 од нив намалување, додека кај 4 нема промена. Кај категоријата останати корисници, кај 16 даватели на водната услуга водоснабдување во 2018 година има зголемување на тарифата во однос на 2017 година, кај 5 намалување на тарифата, додека кај 7 нема промена во тарифата за оваа категорија на корисници.
Најголемо намалување на тарифата за водоснабдување за двете категории на корисници се бележи кај ЈП Водовод Куманово, во висина од 33,89% кај категоријата домаќинства и 37,58% кај категоријата останати корисници. Драстичниот пад на тарифата за водоснабдување на ЈП Водовод Куманово пред се е резултат на намалувањето на тарифата за сурова вода кај АД Водостопанство Подружница Кумановско-Липковско поле, во висина од 49,14%, од каде ЈП Водовод Куманово ги обезбедува потребните количини за вода за пиење.
Најголемо зголемување на тарифата за водоснабдување за домаќинствата се бележи кај ЈПКД Мирмбајтја Желино, додека најголемо зголемување на тарифата за водоснабдување за останатите корисници се бележи кај ЈКП Врапчиште од 32,67%. ЈПКД Мирмбајтја Желино исто така за прв пат во 2018 година започнува да фактурира за услугата водоснабдување на категоријата останати корисници.
Најголемо намалување на тарифата за собирање и одведување на урбани отпадни води за домаќинствата се бележи кај ЈКП Тетово, во висина од -53,94%, додека најголемо намалување на тарифата за категоријата останати корисници се бележи кај ОЈП Вардар Брвеница во висина од -66,50%. Најголемо зголемување на тарифата за собирање и одведување на урбани отпадни води за двете категории на корисници се бележи кај ЈП Водовод и канализација Прилеп. ОЈП Вардар Брвеница и ЈКП Врапчиште за прв пат во 2018 година започнуваат да фактурираат за услугата собирање и одведување на урбани отпадни води на категоријата домаќинства. ЈПКД Мирмбајтја Желино за прв пат во 2018 година започнува да фактурира за услугата собирање и одведување на урбани отпадни води на категоријата останати корисници.
Големината на подрачјата во кои се обезбедуваат водните услуги варираат значително по однос на бројот на крајни корисници на водната услуга и нивниот број варира од подрачје со неколку илјади до повеќе од половина милион жители во главниот град Скопје. Она по што исто така се разликуваат давателите на водни услуги е тоа што повеќето ја обезбедуваат водната услуга само во една општина иако постојат и такви кои ја обезбедуваат водната услуга во повеќе од една општина. Потрошувачката на вода исто така се разликува помеѓу давателите на водни услуги и се движи од 60 литри до 145 литри по жител на ден. Процентот на неприходувана вода и во 2018 година останува најголем проблем кај давателите на водни услуги и истиот се движи помеѓу 32% и 78% во зависност од давателот на водната услуга. Согласно последните достапни податоци, процентот на неприходувана вода во 2016 година изнесува 67,55%.
Валентина Ангеловска