Ти Хашиме, зависиш од нас. Тоа нема да оди така, те молам да разговараш со мене, а не ти да кажуваш што сакаш, а што не сакаш – рече денеска на заеднички состанок, во рамки на процесот Брдо-Бриони во Тирана, српскиот претседател Александар Вучиќ, обраќајќи му се на претседателот на Косово, Хашим Тачи.
Како што пренесуваат српските медиуми, Тачи, синоќа во пресрет на самитот, со албанскиот премиер Еди Рама, кој е домаќин на регионалната средба, разговарал за обединување на Албанците, целосно отворање на границата меѓу Албанија и Косово, како и спојување на Прешевската долина на југот од централана Србија.
На пленарната средба во Тирана, на која присуствуваат лидерите на земјите од Западен Балкан, но и високата претставничка на ЕУ и посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Федерика Могерини, Вучиќ изјави дека доста му е да слуша што Хашим сака.
„Никогаш не сум зборувал за модели за решавање, а доста ми е да слушам за тоа што Хашим сака или не сака. Ти Хашиме зависиш од нас. Тоа нема да оди така, те молам да разговараш со мене, а не ти да кажуваш што сакаш, а што не сакаш. Сакаш ли јас да ти кажам што не сакам“, праша Вучиќ, додавајќи:
„Која Америка ќе турне во меѓународните институции? Се обиде со Колинда (Грабар Китаровиќ), Борут (Пахор), не успеа. Дали сам го смисли тоа или некој ти помага? Никогаш не сум зборувал за решенија, туку за постигнување на договор. Ако тоа може да се случи супер, ако не, ќе преживееме“.
Вучиќ додаде оти се надева дека во целата ситуација ќе преовладува разумот.
„Те молам не споменувај ја Република Српска без никаква потреба, знам зошто го кажуваш ова, бидејќи Американците не ја сакаат РС. Можам да кажам дека нема да ви дозволам да формирате РС во Србија, а тоа е Косово. Истуркав многу тешки решенија, ве молам да се вразумите. Замисли јас да зборувам за она што ти и Рама се состанавте вчера? Или Колинда денес? За обединување. Само малку запрете, сфаќам сè, но запрете. Ако дојдеме до решение – одлично, ако не, веројатно ќе имаме мудрост да го зачуваме мирот“, истакна Вучиќ.
Во пресрет на Самитот, Вучиќ утрово зборуваше со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додиќ и црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, за актуелната ситуација во регионот.