Пред почетокот на Самитот на лидерите на ЕУ во Сибиу, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска упати порака до европската јавност за важноста од интегрирање на Западниот Балкан во Унијата.
Самитот во Сибиу, Романија, е посветен на иднината на Европската Унија, само неколку недели пред круцијалните европски избори. Могерини во Романија пристигна директно од лидерскиот состанок во Тирана и ја потсети европската јавност дека на Балканот поддршката за европската интеграција е огромна.
-Навистина верувам дека лидерите денеска и утре ќе треба да ја гледаат иднината на Балканот во ЕУ како приоритетно прашање за нашиот економски просперитет, за безбедноста на регионот и на целата ЕУ, рече Могерини пред да влезе на состанокот.
Таа посочи дека во Албанија поддршката за ЕУ е 90 отсто, и дека треба во иднина да се „зачува тој капитал”.