Венецуелската амбасада во Вашингтон потона во темнина откако властите во САД ја исклучија струјата во зградата. Активистите за борба против државниот удар забарикадирани внатре велат дека не заминуваат и покрај затемнувањето, пренесува РТ.
По неколкунеделните тензии помеѓу Колективот за цивилна заштита на амбасадата и поддржувачите на лидерот на опозицијата, Хуан Гваидо, поддржан од САД, пред дипломатскиот комплекс на Венецуела, властите во САД се обидоа да ги избркаат привремените ‘станари’ прекинувајќи им ја електрична енергија.
Во изјавата на Твитер објавена од еден од членовите на групата, независниот новинар Алекс Рубинштајн, се вели дека прекинот на електрична енергија нема да ги натера да ја напуштат својата мисија – да ја заштитат амбасадата од преземањето од лицата назначени од Гваидо.
„Го очекувавме ова, се подготвивме за тоа и не заминуваме”, пишува активистот.
Тој го спореди прекинот на струјата со наводните американски напади врз инфраструктурата на Венецуела.
„Иронично е што американската влада ја нападна електричната мрежа на Венецуела, а сега ја напаѓа и мрежата на Амбасадата на Венецуела”, рече тој.
Каракас претходно ги обвини САД за поттикнување саботажа и за водење „електрична војна” против Венецуела откако претрпе неколку последователни прекини на електричната енергија поради онеспособување на нејзините клучни инфраструктури.
Активистите во амбасадата остануваат и покрај затемнувањето.
„Не заминуваме, ќе се спротивставиме. Ќе останеме солидарни со венецуелскиот народ и со избраната влада на Венецуела”, вели активистот во видеото.
Прекинот на електричната енергија бил, наводно, нарачан од амбасадорот на Гваидо од Венецуела, Карлос Векио.
„Одлучивме да им покажеме како се живее во Венецуела под неуспешниот социјализам на Мадуро бидејќи од овој момент нема да имаат електрична енергија. Следниот чекор е да излезете”, напиша Векио на Твитер.
Минатата недела, американскиот Стејт департмент ги повика активистите да ги напуштат просториите, нарекувајќи ги натрапници и тврдејќи дека самопрогласениот привремен претседател Гваидо има законско право над амбасадата.
Во петокот, републиканскиот конгресмен Скот Типтон побара од американскиот државен секретар Мајк Помпео да го истера Колективниот, но Вашингтон не направи никаков обид насилно да ги отстрани.
Од Колективот велат дека добиле дозвола од Министерството за надворешни работи на Венецуела да се вселат откако последните дипломати лојални на Мадуро си заминале за Каракас кон крајот на април, откако беа протерани од САД.