Владата денеска, организираше свеченост по повод 9-ти Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, како и по повод најавата на јубилеите, 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната Војна и 75. годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
На настанот, на кој присуствуваа борки и борци, владини претставници, пратеници, следбеници и продолжувачи на традициите на народно-ослободителната борба и на Сојузот на борците и дипломатскиот кор во земјата, премиерот Заев ја истакна големината на денешниот датум, кој како што рече е впишан со трајни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците и истовремено повод да се најави славењето и на нашите големи јубилеи – 70. години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната Војна и 75. годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
„Ми припадна голема чест и истовремено гордост, како продолжувач на традициите, и како претседател на Владата на Република Северна Македонија, да Ви се поклонам Вам и на Вашето дело. Големо дело. Дело кое ја заврши вековната борба и стремеж на македонскиот народ и на сите граѓани за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое создаде државност паралелно со победата над фашизмот. Дело кое значи заедничка победа на прогресивните народи на Европа“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
Премиерот се осврна на историскиот 9 мај 1950 година, кога францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да почне изградбата на нова Европа и кога како што подвлече премиерот, лидерите на европските земји ја посеаја идејата за Европската Унија и избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта.
Истакнувајќи дека граѓаните на Северна Македонија се горди на изборот за европска иднина и нејзините вредности , премиерот Заев ги честиташе двата празника, Денот на Европа и победата над фашизмот и го најави чествувањето на нашите големи јубилеи – 70. години од основањето на Сојузот на борците од Народноослободителната Војна, и 75. годишнината од Првото заседание на АСНОМ, упатувајќи порака до пријателите од Европската Унија: „Доаѓаме дома!“.
Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија, Никола Стојановски, во своето обраќање ги поздрави присутните, потенцирајќи дека премиерот Заев, кој е член од редовите на продолжувачите на Сојузот на борците со задоволство ја примил нивната покана, тој да биде покровител на одбележувањето на 70. годишнината од формирањето на Сојузот.
Стојановски ја истакна големата улога на борците од Народноослободителната војна за создавањето на државата, сеќавајќи се на работата и функционирањето на Сојузот на Здруженијата од НОВ, како и на нивните активности кои се втемелени во државноста на нашата земја.
„Сојузот на борците срдечно ги поздравува сите определби за мир, демократија и просперитет на нашата држава, Република Северна Македонија, на патот во НАТО и Европската Унија“, порача Стојановски упатувајќи честитки по повод празникот.
Во свеченото одбележување на денешниот ден, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа се вклучија и стотина деца од неколку основни училишта, кои во зградата на Владата вееја европски и знамиња на Република Северна Македонија.