Преговорите за тренерскиот пост во Лос Анџелес Лејкерс меѓу претставниците на клубот и Тајрoн Лу стигнаа до ќорсокак и беа прекинати, соопшти „ЕСПН”. Двете страни така и не успеале да постигнат договор, бидејќи Лу побарал 5-годишен договор, додека „езерџиите” се подготвени да му дадат договор за три години со вкупна вредност од само 18 милиони долари.
Друг проблем во преговорите е желбата на клубот сам да посочи помошници во штабот на Лу и поранешниот тренер на Кливленд да нема зборот при нивно определување. Недостатокот на согласност со Лу значи дека тимот од Лос Анџелес се размина со двете имиња, кои најмногу ги сакаше за тренерскиот пост. Претходно овој месец Монти Вилијамс одлучи да прифати понудата на Феникс Санс.
Тајрон Лу, кој е поранешен играч и шампион со тимот на Лос Анџелес Лејкерс, беше преферирана опција за тренер и од страна на ѕвездата на тимот Леброн Џејмс, откако двајцата го изведоа како тандем Кливленд до три последователни учества во финалето во НБА и до една титула во 2016 година.
По прекинувањето на преговорите со Лу се очекува раководството на клубот да се насочи кон Џејсон Кид, кој како тренер беше на чело на Бруклин Нетс и Милвоки. Во вкупно 373 дуели, тој има 183 победи и 190 порази.