Лидерите на ЕУ усвоија Декларација за единство и надеж

Лидерите на ЕУ на самитот во Сибиу усвоија Декларација посветена на приоритетите на Унијата во следните пет години, со која членките се обврзуваат на единство, солидарност, заштита на европските вредности и посилна улога на Европа во светот.

Лидерите на ЕУ исто така се обврзуваат во наредниот период „да ја бранат единствена Европа” и да нема место за поделби против заедничкиот интерес.

-Се обврзуваме дека ќе останеме обединети во добро и зло. Дека ќе покажеме солидарност во моменти на потреба, ќе застанеме заедно и ќе зборуваме со еден глас, се вели во Декларацијата.

Лидерите на ЕУ 27 се обврзаа и на барање заеднички решенија, како и заштита на европскиот начин на живот, демократија и владеење на правото.

– Ќе продолжиме да ги слушаме грижите и надежите на сите Европејци. Унијата да ја доближуваме кон граѓаните и да дејствуваме решително и амбициозно, е една од 10-те точки од Декларацијата.

Документот, исто така, зборува за поддршка на принципот на правичност во сите области, почнувајќи од пазарот на трудот, економијата, социјалните прашања, дигиталната трансформација.

-Ќе продолжиме да ги намалуваме разликите меѓу нас и секогаш ќе им помогнеме на најранливите Европејци, ставајќи ги луѓето пред политиката, се вели во Декларацијата.

Челниците на ЕУ се обврзаа за своите планови и акции да обезбедат адекватни средства, со цел да се справат со предизвиците на 21. век и да обезбедат иднина за генерациите на Европејците, кои доаѓаат.
Тие, како што е наведено во текстот на Декларацијата, со своите политики, како и соработката со меѓународните партнери, ќе ги штитат нејзините граѓани и ќе бидат одговорен лидер на глобалната сцена, во одржување на правниот поредок, но и во борбата против климатските промени.

– Унијата денес е посилна од вчера и сакаме да ја зајакнеме нејзината сила за утре. Тоа е обврска, која ја презедовме за идните генерации. Тоа е духот на Сибиу и новата Унија од 27 членки, подготвени како целина да зачекорат во иднината, се наведува во заклучокот на Декларацијата од Сибиу.

Треба да знаете
Последни објави