Словенечката полиција ја потврди приказната за киднапирањето на еден постар човек од селото Мали Нерајец во близина на Чрмомељ, во југозападниот дел на Словенија, кого го киднапирале мигранти и со неговиот автомоби побегнале во Италија, каде што беа уапсени.
Полицијата се уште го испитува случајот, но според веста објавена од страна на словенечката телевизија, полицијата го потврди случајот и рече дека мигрантите кои се вклучени во киднапирањето беа уапсени во соработка со италијанските колеги.
Група од четири мигранти вчера киднапирале 79-годишен маж кој го прскал лозјето, го врзале и го ставиле во багажникот на неговиот автомобил, а потоа го исфрлиле во шума оддалечена 180 километри од Сежана, на другиот крај на земјата и побегнале во Италија, според Индекс.hr.
Ќерката на киднапираниот човек, за локалните медиуми изјави дека нејзиниот татко, кога таа зборувала со него пред да се случи инцидентот, ѝ рекол дека има „гости” кои му се претставиле како „археолози“ кои сакаат да видат дали на лозјето има некои археолошки наоди. Подоцна, таа видела дека низ селото поминал автомобилот на нејзиниот татко, но него не го видела.
„Со оглед на тоа дека подоцна во лозјето не го најдовме, ниту можевме да стапиме во контакт со него, кренавме тревога”, рече таа.
Човекот конечно му телефонирал на семејството околу 18 часот и кажал дека бил киднапиран и исфрлен од автомобил во шума во близина на границата со Италија, па дошол до една куќа од која им се јавил.