Папата Франциск во четвртокот објави нови правила кои се однесуваат на Католичката црква на глобално ниво за пријавување на сексуална злоупотреба, обврзувајќи ги за прв пат сите епархии да воведат систем за пријавување на малтретирање или прикривање на малтретирање, објави „Си-ен-ен“.
Според новите одредби, сите католички епископи ширум светот треба да воспостават „јавен и достапен” систем за пријава на злоупотреба до 1 јуни 2020 година. Одредбите ја опфаќаат внатрешната процедура на Католичката црква и мора да бидат следени од сите епархии.
Новите правила беа објавени кратко време по одржувањето на конференцијата за сексуална злоупотреба во Ватикан во февруари, и тие претставуваат ветување на папата Франциск дека „ќе спроведе конкретни мерки” за борба против сексуалната злоупотреба во Католичката црква.
Досега немало единствен и универзален систем за известување и испитување на наводите за малтретирање во Католичката црква.
Иако овие нови одредби се важни во поглед на појаснување на постапките што треба да се следат во вакви случаи, тие во моментов не се занимаваат со тоа што ќе се случи со свештеникот или епископот кој ќе ги прекрши овие правила.