Во салонот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија (МКИЦ), вечерва започна годинашната „Дванаесетта македонска книжевна визита”, со книжевниот портрет на современиот македонски романсиер, поет и публицист Димитар Башевски.
Во воведните зборови кон манифестацијата организирана од Издавачката куќа „Макавеј” од Скопје, амбасадорот на РС Македонија во Бугарија Марјан Ѓорчев истакна дека оваа веќе традиционална книжевна визита, преку поттикнување на соработката на книжевниците од двете земји, гради мост на разбирање, на иницијативи и идеи како да се пополни комуникацијата меѓу двете литератури.
Директорот на МКИЦ Сашко Насев изрази надеж дека со овој интелектуален ангажман кој се случува на Денот на Европа и Денот на победата на фашизмот, ќе се даде придонес и кон зголемување на културната мапа на Софија.
За богатото и жанровски разновидно творештво на Башевски пред одбраната бугарска публика говореа македонскиот поет и литературен критичар Санде Стојчевски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.
-Башевски е автор за чии дела постои апсолутно неподелено мислење дека се тие во самиот врв на македонската литература. Секој текст на Димитар Башевски е исклучителен. Можеби изгледа пресилно, но јас упорно останувам при таа реченица заради цврстата убеденост дека раскошот и изобилството уметнички доблести распоредени во текстовите кои излегуваат од перото на Башевски се полни со уметнички вознес кој е темелно својство на неговиот дух и креативна енергија, рече Стојчевски.
Изразувајќи задоволство што и годинава дел од македонската книжевна делегација се едни од најталентираните македонски творци, Христов посочи дека го дели становиштето на Стојчевски дека станува збор за автор на исклучителни дела со кого го врзува и долготрајно пријателство.
-Башевски е автор кој навистина може да даде исклучително многу материјал за литературните иследувачи и за поколенијата кои доаѓаат во литературата, а кои можат многу да научат од него за етиката и одговорноста пред читателот, рече Христов.
Башевски, пак, благодарен за можноста да се претстави пред бугарската книжевна публика, се осврна на темата на своето, а вели творештво воопшто, а тоа е човекот со сите негови несовршености и состојби. Даде и свое гледање на односите меѓу двете соседни земји.
-Многу имав желба да дојдеме со воз, меѓутоа возот и пругата не се готови. И некако на некој начин таа пруга и тој воз станаа симбол на бавноста на севкупните наши односи во некој период особено во минатото,… Денес што се однесува до бугарската средина и соработката со бугарските писатели се отвораат можности, се отвора еден навистина прекрасен простор и ние треба да го искористиме тој простор и да одиме напред имајќи ги предвид пречките кои може да искрснат, вели Башевски
Манифестацијата продолжува утре со доделување на наградата „Македонски книжевен Дедал” на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е писателот, книжевен иследувач и издавач Пламен Тотев.
Промоцијата на специјален двоброј на македонското книжевно списание „Книжевно житие” кое е посветено на 25 современи бугарски поети, како и највпечатливиот настан од визитата – Бугарско-македонскиот поетски митинг ќе се одржи утре попладне. Свои песни ќе читаат членовите на македонската книжевна делегација и истакнати бугарски автори: Бојан Ангелов, Димитар Башевски, Димитар Христов, Зоран Анчевски, Николај Шопов, Бранко Цветкоски, Роман Кисјов, Санде Стојчевски, Иван Есенски, Драгана Евтимова, Иван Гранитски, Атанас Звездинов, Душко Крстевски, Петар Андасаров, Весна Ацевска, Надја Попова, Ѓоко Здравевски, Владимир Левчев, Диме Ратајковски, Кети Бозукова.
Организатор на манифестацијата е Книгоиздателството „Макавеј” во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на РС Македонија.