Хашкиот осуденик Лазаревиќ на Денот на победата го предводеше „Бесмртниот полк” во Ниш

Овогодинешната прослава на Денот на победата во Србија, наместо промовирање на антифашизам и европски вредности, повторно се претвори во јавна рехабилитација и промоција на осудените лица за воени злосторства.

„Бесмртниот полк”, во кој денеска во Ниш имаше стотина луѓе, беше предводен од козаци на Балканската козачка војска, моторџиите и поранешниот хашки осуденик, пензионираниот генерал на југословенската војска , кој на градскиот плоштад во Ниш се обрати пред присутните граѓани.

-Наместо да се огради од осудените лица за воени злосторства, најавувајќи го настанот, заменик-градоначалникот на Ниш, Милош Банџур, само го истакна Лазаревиќ како најважен учесник во „Бесмртниот полк”, свечен марш организиран по повод Денот на победата над фашизмот, пишува Инсајдер.

Во јануари 2004 година, Лазаревиќ беше правосилно осуден на четиринаесет години затвор за извршено злосторство против човештвото, за помагање и поттикнување на депортација и присилно преместување на цивили, како и за помагање во злосторничко дело во кое се извршени најтешки злосторства против цивилите, вклучувајќи ги и масовните убиства во Косово 1999 година.

Лазаревиќ е ослободен во декември 2015 година откако отслужи само 10 години затвор, меѓу другото, бидејќи во Хаг има соработувано со обвинителството и има доставувано документи.

Со овој потег, властите продолжија јавно да им оддаваат почит на хашките осуденици обвинети за најсериозни кривични дела, оценува Инсајдер.

Во Ниш утре претседателот и врховен комадант на вооружените сили на Србија Александар Вучиќ, по повод Денот на победата ќе присуствува на „приказот на способностите на Војската на Србија и на Министерството за внатрешни работи”, соопшти неговиот кабинет.

На Воената парада, како што е најавено, ќе има свечено дефиле на пешадискиот ешелон, дефиле на моторизираниот ешелон, прелет на воздухопловниот ешалон и падобрански десант. Планирано е учество на повеќе од 4.000 припадници на српските вооружени сили и на Министерството за внатрешни работи, околу 300 борбени и неборбени возила и системи и околу 40 авиони.

На парадата ќе присуствуваат и претседателот на Меѓународниот комитет на Советот на Руската Федерација Константин Косачов, грчкиот министер за одбрана Евангелос Апостолакис и други високи претставници.

Треба да знаете
Последни објави