Антикорупциска отвори постапки за Заев, Анѓушев, Манчевски, Кузмановска, Пановска Ставридис, Мерко, Вангеловски…

Антикорупциската комисија денеска одржа седница на која отвори повеќе предмети по чуен глас, по пријави од граѓани и политички партии.

Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска по пријава на ВМРО- ДПМНЕ отвори постапки за одделни шест предмети за корупција и судир на интереси за случаи поврзани со власта. Отворени се постапки за предметите „Цареви кули и Глобал”, „Едно евро за црквата, едно за Вицето”,  за фирмата „МХЕ Тополки” за доделување земјиште за хидроцентрала Тополки, за предметот “Земјиште во касарна” поради сомневање дека Сашо Брндевски купил 18.462 метри квадратни по повластени ниска цена од тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев, за грчките фирми на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски и постапка за предметот “Бугарските фирми на Заев”. За судир на интереси е отворен случај за вработувањето на ќерката на пратеничката Катерина Кузмановска од СДСМ на Клиниката за гинекологија, со како што беше посочено, дискреционо право на директорот и министерот з здравство.
– За фирмата “МХЕ Тополки” каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата Феро инвест, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител и има доделено градежно земјиште по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата Тополки, појасни Ивановска.
Иако судска разрешница има за случаите „Глобал” и „Едно евро…”, претседателката на Антикорупциска вели дека тие се должни да ги отворат предметите и да ги истражат бидејќи се доставени до нив.
Членовите на Комисијата ќе разгледуваат и пријава од опозициската партија за шест лица за неспојивост на функции.
На предлог на Ивановска е отворен предмет и за продажба на земјиштето кај Холидеј ин за сомнежи поврзани со негово окрупнување, но и за загрозување на животната средина.
Се отвори предмет и за истражување на набавките на Клиниката за хематологија и дали в.д. директорката Ирина Пановска Ставридис влијаела врз одлучувањето при набавките на лекови, бидејќи е ќерка на сопственикот на веледрогеријата „Др Пановски”, како и за унапредување на вработени без стручно образование, за влијание и непотизам. Исто така за неа ќе се испитува и дали по повторниот избор за в.д директор доставила анкетен лист до Антикорупциска.
ДКСК, исто така, по сопствена иницијатива, како што истакна членот Нури Бајрами, врз основа на сознанија од медиумите отвори случај за набавката на четири возила во Општина Струга во вредност од 114 илјади евра, од кое едно возило „Ауди А6″ што, како што беше објавено во медиумите, ќе биде за градоначалникот Рамиз Мерко и чинело 67 илјади евра.
На предлог на Бајрами ДКСК отвори случај и за набавка на возило „БМВ” од 40.000 евра од страна на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски. Антикорупциска отвори случај и за сомнежите дека Зоран Караџовски, поранешен претседател на Судскиот совет, Коле Штерјев, актуелен претседател на Совет на јавни обвинители и Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд цели три години земале месечни паушални по 10.000 денари.
Бајрами предложи поведување прекршочна постапка за директорот на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост бидејќи во анкетниот лист не навел дека е неизвршен член во два Управни одбори. Ќе се испитува и можноста што се отвора со Законот за трговски друштва член на Управен одбор да биде неизвршен член во уште пет управни одбори.
ДКСК ќе одговори и на мислења во врска со можен судир на интереси доставени од неколку институции. Меѓу нив и барањето на ЈП „Македонија пат” во врска со судски предмет за надомест на штета во што како судски вештак се јавува лекарка која истовремено го лекувала пациентот, што ја поднел тужбата.
По пријава од анонимен граѓанин, Комисијата отвори предмет во врска со финансирањето на соочувањето на претседателските кандидати на МТВ. Исто така претседателката на комисијата одговарајќи на прашање, рече дека Антикорупциска го разгледува случајот со ревизорските извештаи за работата на јавниот радиодифузен сервис и дека на една од наредните седници најверојатно ќе биде отворен предмет и за овој случај.
На денешната седница отворени се и предмети од граѓани за изборни нерегуларности кои ја искористиле апликацијата на ДКСК.
Антикорупциска ќе разгледува и предмети за избор на наставници во научни звања на еден од факултетите на УКИМ, вработување на Институтот за радиологија, за нострификација на диплома..
Треба да знаете
Последни објави