Еуроникел Индустри ги поддржува младите екологисти

Во организација на Еуроникел Индустри, Општина Кавадарци и Еколошкото друштво Тисовец, во Кавадарци се одржа еко натпревар за сите ученици во 5то одделение од градот и околината. Учениците преку квизот од областа на еколошките прашања и проблеми, го демонстрираа своето знаење и еколошка свест.

Ваквиот вид натпревар се одржува по петти пат и секоја година по ред со поддршката на комбинатот за преработка на фероникелова руда, а оваа општествено позитивна практика ја продолжува и Еуроникел Индустри.

„Ова е еден од ретките примери каде стопански субјект, локална власт и невладин сектор се обединуваат во една цел и една идеја и верувам дека токму тоа ја гарантира и успешноста и позитивните резултати во иднина. Животната средина е од суштинска важност за градење здраво општество. Токму затоа ние како Еуроникел Индустри сметаме дека инвестирањето во подигнување на еколошката свест уште од најрана возраст е од клучна важност. Нашите заложби се во насока на зголемување на еколошката свест кај сите нивоа, за поттикнување на едукативните процеси кај младите и проширување на видиците во општествено корисни дејности, а во истата насока ќе продолжиме и понатаму“, вели Герасим Кујунџиев, Генерален директор на Еуроникел Индустри.

„Овие квизови се од големо значење за општината и ќе ги поддржуваме овие настани за да ја подигнеме екологијата на повисоко ниво. Прво е потребно да ја подигнеме еколошката свест, и да придонесуваме за подобра животна средина“ истакна градоначалникот Митко Јанчев.

„Идејата беше пред пет години со општина Кавадарци и тогаш Фени индустри, сега Еуроникел, да спроведеме еден посебен вид едукација на децата преку натпреварување. Еве петта година се организира овој квиз и доколку ја имаме поддршката следната година планираме еко-квизот да го направиме регионален“ изјави Сашко Данев претседател на еколошкото друштво Тисовец.

Квизот на знаење започнува со школски натпревари меѓу учениците од 5то одделение, а потоа победниците од секое училиште учествуваат во општинскиот натпревар. За победниците предвидени се награди како таблети, еко атласи и екскурзија од еко-едукативен-забавен карактер во организација на Еуроникел Индустри. Благодарение на оваа иницијатива, во изминативе 5 години повеќе од 2300 ученици стекнале поголеми еколошки знаења, но и ги промениле старите навики кон животната средина.

Годинава првата награда на еко-квизот ја понесоа учениците од ОУ „Тошо Велков-Пепето“ од Кавадарци.

Треба да знаете
Последни објави