Две лица нападнале доктор на Интерното одделение во кичевската болница. Напаѓачите се повикани во полициска станица и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
-Вчера околу 13 часот, на Интерното одделение во Општата болница во Кичево, нарушен е јавниот ред и мир со физички напад извршен од Л.Љ.( 24) и А.Љ.(21), врз А.С.(35)-вработен доктор во болницата. Двајцата напаѓачи се повикани во полициската станица и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, вели Стефан Димоски портпарол на СВР-Охрид.
Димовски информира и дека вчера околу 18 часот, на магистралниот пат Кичево-Гостивар кај месноста „Сатеска”, се случила сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил марка „Пасат” со гостиварски регистарски ознаки управуван од А.Б.(22) од Австрија и автомобил марка „Рено” управуван од Т.М.(45) од Скопје.
Возилата, по магистралниот пат се движеле во ист правец од Кичево кон Гостивар, пришто автомобилот „Рено” со својот преден дел удрил во задниот дел на автомобилот „Пасат”.
Во незгодата, Б.Ј.(55), сопатник во автомобилот „Рено” се здобила со тешки телесни повреди. Таа е пренесена во Ургентен центар во Скопје.