Имено, на 01.05.2019 година пред хотел во Стар Дојран дошло до вербална расправија помеѓу двајца од осомничените кои биле во алкохолизирана состојба и двајца вработени во хотелот. Расправијата преминала во физичка пресметка. На вработените во хотелот им се придружило уште едно лице, додека двајцата сега осомничени повикале уште пет други лица да дојдат во хотелот, бидејќи имаат проблем. Во еден момент сите осомничени го заобиколиле оштетениот кој им помагал на вработените во хотелот. Додека оштетениот му бил завртен со грб, еден од осомничените со нож му нанел две убодни рани во пределот на горната десна страна од грбот и една убодна рана во средината на градниот кош.
Од извршената анализа на алкохол во крвта е констатирано дека осомничениот во тој момент бил во алкохолизирана состојба во која самиот се довел со количина од 1,69 промили алкохол во крвта.
Имајќи ја предвид тежината на стореното кривично дело и запретената казна, Основното јавно обвинителство Велес оцени дека постои можност осомничениот кој директно го извршил делото да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело. Исто така, бидејќи останатите осомничени му се блиски пријатели, а едниот му е брат, веројатно е дека може да врши и влијание врз нив со кое ќе го попречува водењето на истражната постапка. Затоа Основното јавно обвинителство Велес до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Велес поднесе Предлог за определување мерка притвор за ова осомничено лице, додека за останатите осомничени е предложено да бидат определени мерки на претпазливост.