На маргините на неформалниот самит на ЕУ во Сибиу, Романија, францускиот претседател Емануел Макрон го осуди „Проектот за неединство” што го претставуваат Јордан Бардела и Марин Ле Пен, јави дописникот на МИА.
– Неединството ретко претставува сила, истакна Макрон.
На прес-конференција за време на самитот во Сибиу, Романија, Макрон силно ја нападна партијата на Марин Ле Пен, која во повеќе испитувања на јавното мислење за намерите на гласачите се наоѓа во водство пред неговата партија Републиката во движење.
-Не мислам дека е мистерија да се каже дека Националниот собир (РН) се залага за деконструкција на Европа. Јас сум патриот, француски и европски. Тие се националисти. Тоа е различно. Како што рече Франсоа Митеран во еден од неговите последни говори, „национализмот е војна”, рече Макрон.
Шефот на француската држава, кој вети дека никогаш нема да зборува за внатрешната политичка ситуација на неговата земја кога е на патување во странство, сепак направи исклучок, бидејќи продолжи со нападите против екстремната десница.
-Пред две години, Националниот Собир, кој тогаш беше Национален фронт, велеше дека 80 отсто од неговата програма зависи од напуштањето на еврото. Откако не успеаја да го дефинираат тоа, тие повеќе не сакаат да го напуштат еврото. Но, програмата не се промени! Таа е иста! Сè уште не сум ја разбрал!, тврди Емануел Макрон.