Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава, денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, осомничени дека биле дел од бандата шверцери на кокаин.
-По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на надлежен обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, МВР спроведе акција со кодно име „Сикрет“. Во текот на вчерашниот ден до денес, до раните утрински часови беа извршени претреси на дом и лица на 11 локациии низ Градот Скопје и околината. Во акцијата лишени се од слобода три лица, додека едно лице во моментот е недостапно на органите на прогонот. Имено, двајца од осомничените, браќата И.Ј. (41), Б.Ј. (31) од Ченто, од февруари годинава во повеќе наврати од непознати лица, набавувале неодредени количини на наркотична дрога кокаин, ја препакувале во нивниот дом и неовластено ја продавале. Тие, со цел продажба на дрогата и стекнување на противправна имотна корист, организирале мрежа на препродавачи меѓу кои биле останатите осомничени задолжени за доставување дрогата до купувачите на различни локации во градот Скопје. Неовластената продажба се остварувала преку телефонски контакти со лица уживатели на дрогата. Во зависност од големината на пакувањата дрогата што ја нуделе била по цена од 2500 до 6000 денари, велат од ОЈО.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во текот на денешниот ден поднесе Предлог за определување на мерката – притвор за осомничените.