На 09.05.2019 година во 20.15 часот во ЕИК-Скопје било пријавено дека на улица Алжирска бр.22, има ископ, предвиден за изградба на станбена зграда и дека попуштиле потпорните ѕидови.
-Како последица на тоа имало свлекување на земјиште кое предизвикало оштетување на куќите на бр.24 и бр.20, како и дел од коловозот на Алжирска. Утврдено е дека инвеститор на објектот во изградба е градежната фирма “Сити Билд“ ДООЕЛ од Скопје а на местото на настанот дошло и одговорно лице од фирмата Н. И. (37) од Охрид. Од страна на полицијата доставено е и известување до одговорно лице од Општина Карпош за да го извести градежниот инспекторат од Општина Карпош со цел да се изврши проценка како на оштетувањата на куќите и коловозот, така и дали се превземени сите мерки за обезбедување на ископот, велат од МВР.
По првичните проценки на тим од општина Карпош побарано е да се пренасочи сообраќајот по улицата Алжирска на делот каде што е оштетен коловозот со најава дека во текот на утрешниот ден повторно ќе се излезе на местото на настанот за да се извршат дополнителни проценки.
Од страна на СВР Скопје извршено е фотографирање на оштетувањата, а од страна на ОБПС ќе биде поставена патрола за регулирање на сообраќајот на критичното место, се додека не се утврди дека тој дел од улицата е безбеден за сообраќај.