Пред три месеци ќе го бркаа од клубот, сега е херојот на Челзи

Синоќа Челзи на пенали го победи Ајнтрахт и се пласираше во финалето на Лига Европа каде ќе игра против Арсенал.

 

По 120 минути игра резултатот беше 1:1, а потоа се пристапи кон изведување пенали. Тоа почна ужасно за Челзи. Капитенот Цезар Азпиликуета промаши и потоа на сцена стапи херојот од сенка – Кепа Аризабалага.

Младиот Шпанец најпрво го одбрани ударот на Мартин Хинтерегер, а потоа и на Гонсало Пасиенсија. Еден Азар само го потврди влезот во финалето на клубот од Стемфорд Бриџ.

На тој начин, херој на Челзи стана човекот кој пред само три месеци беше на чекор од бркање од клубот. И тоа баш заради пенал.

На натпреварот меѓу Челзи и Манчестер Сити на Вембли имаше незаборавни сцени на крајот на продолженијата. Менаџерот на Челзи Маурицио Сари одлучи во надополнувањето на второто продолжение да го замени голманот Аризибалага кој претходно ја истегна задната ложа, и на негово место го стави Вили Кабаљеро, „специјалист“ за одбрана на пенали. Резултатот беше 0:0 и беше јасно дека победникот ќе се одлучува со изведување пенали.

Тогаш се случи неверојатното. Кепа одбиваше да излезе. Ги убедуваше сите дека е подготвен, дека може да си ја одработи задачата и не сакаше да излезеод игра. Сари збесна, а Кабаљеро збунето стоеше на аут линијата подготвен да влезе, додека соиграчите безуспешно го убедуваа Кепа да излезе.

Ништо не помагаше. Кепа одбрани еден пенал, но за Челзи промашија Жоргињо и Луиз, па Сити го зеде трофејот.

По тој натпревар, цела англиска јавност се сврти против Шпанецот. Се јавија познати и непознати, поранешни играчи и навивачи, легенди на клубот и ТВ-аналитичари. Сите го тврдеа истото – Кепа заслужува драконска казна.

Помалку од три месеци подоцна, истиот тој непослушен Кепа стана херој на Челзи.

„Пеналите, знаете и самите, се прашање на среќа. Вечерва победивме, последниот пат изгубивме. Атмосферата беше фантастична, целата екипа дишеше како едно и навистина сме пресреќни“, изјави Кепа .

„Во врска со натпреварот против Челзи, жал ми е. Не се гордеам со тоа што се случи, си ја научив лекцијата и одиме понатаму. Пресреќен сум што влеговме во финале. Ќе бидеме уште појаки против Арсенал. Сезоната ни беше необична, тешка и напорна, но сметам дека на крајот е успешна. Две финалиња во една сезона не се мала работа.“

Треба да знаете
Последни објави