Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, вчера од Сибиу ја повика Анкара да го почитува суверенитетот на Кипар и дека ЕУ од блиску ќе ги следи турските обиди за дупчење во кипарските води во потрага по нафта.
– ЕУ е обединета зад Кипар и очекува од Турција да ги почитува суверените права на земјата членка. Европскиот Совет ќе продолжи да ги следи од блиску настаните, предупреди Туск.
Претседателот на Кипар, Никос Анастасиадес, вчера ги брифирал земјите членки околу овие случувања и ја повикал Европската Унија да преземе санкции против лицата инволвирани во дупчењето на водите.
Кипар смета дека турските активности во нејзината ексклузивна економска зона се нелегални. Грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека целосно го поддржува Кипар.
– Целосно го поддржувам ставот на претседателот на Кипар кој побара ова прашање да се потегне како европско прашање и истакнав дека ЕУ има посебен геополитички и стратешки интерес во зоната на источниот Медитеран, изјави Ципрас.
Кипар и Грција побараа од Турција да разбере дека нејзините потези се спротивни на меѓународното право и да се воздржи од провокации.