Во емисијата „Македонија” на Македонско радио, претставници на надлежните институции елаборираат какви и колкави се штетите од неконтролираниот увоз на режан тутун и тутунски производи.
Според Претседателот на групација за тутун при Стопанска комора на Македонија, Кирил Величковски, нелегалната трговија со режан тутун прогресивно расте и предизвикува огромни штети, врз целата индустрија. „Проценките се дека само во 2018 година надминале 1,1 милијарди денари (18,5 милиони евра). Доколку продолжи, нашите проценки се дека загубите од акцизните давачки во државниот буџет оваа година може да достигнат, 1,8 милијарди денари и 3,3 милијарди денари во 2020 година. На тоа треба да се додаде и загубата од ДДВ-то, околу 400 милиони денари оваа и 740 во 2020 година. Нелегалната трговија со тутун не само што ги одзема приходите за државата, создава енормен притисок врз сите легални учесници на пазарот, затоа што колку повеќе расте нелегалната трговија, толку се намалуваат приходите на учесниците на легалниот пазар на тутунски производи со што се загрозува нивната економска стабилност а со тоа се загрозуваат и голем број работни места”, вели Величковски.
Како резултат на продорот на шверцуваниот тутун, проценката на Групацијата за производството на цигари покажува дека вкупниот домашен пазар на тутунски производи минатата година се намалил за 11 проценти, што е драстично намалување. Економскиот ефект е дека приближно 100 000 граѓани трпат директни последици од шверцуваниот тутун вклучително земјоделците, откупните компании, лиценцираните тутунопроизводители, лиценцирани дистрибутери, продажниот ланец. Доколку не се сузбие оваа нелегална трговија и продолжи трендот со драстично зголемување, тогаш производителите на цигари ќе бидат ставени во ситуација да го намалат производството а со тоа и откупот на тутунот.
„Од година во година се повеќе се забележува намалување на мојот промет односно на продажбата на цигари, што се должи на тоа што на пазарите се појави нелегалниот тутун којшто е многу поевтин. Затоа луѓето се повеќе ги купуваат овие кеси со тутун и мотаат или полнат празни цигари. А тој тутун е поевтин затоа што за него не се плаќа ни данок ни акциза. Тоа многу се одразува врз работата, фирмите што произведуваат цигари ни доставуваат се помали количини. А многу штети трпи и мојата работа, ова е трафика и 70 проценти од работата се должи на продажбата на цигари. Кај мене луѓе доаѓаат да купат цигари а покрај тоа ќе купат и нешто друго, вода, мастики, весник …. но пред се цигари. Ова мене ми е единствен извор на егзистенција и единствен начин да го снабдам семејството со пристојна живеачка”, вели Игор Миловановски, сопственик на трафика.
Никој не го контролира овој тутун и не подлежи на никакви контроли. Не се знае ни составот, ни потеклото, начинот на складирање и останатите карактеристики кои влијаат врз неговиот квалитет и специфики. Ваквите неиспитани производи може да ги доведат во сериозен ризик потрошувачите. Според анализите што ги спроведе Научниот институт на тутун во Прилеп резултати се загрижувачки. Никотинот во ваквите тутуни достигнува и до 3,36% а според сите стандарди максималната вредност на никотин е 2 проценти. Количината на катран е до 4 пати повисока од дозволената. Сето тоа се одразува врз здравјето на оние што го консумираат.
Царинската управа во повеќе наврати има откриено и запленето околу 2 тони. Меѓутоа на пазарите константно се продава режан тутун на кој не му се знае потеклото. Евидентно дека имаме зголемена продажба. Се прават напори и се прават акции оваа појава да биде сузбиена, велат од Царинската управа.
„Шверцот носи нелегални пари за одредени лица и тоа е мотив да ја зголемат својата активност и не се осврнуваат на никакви пречки при „иновациите”. Се доведуваат самите потрошувачи во заблуда. Имињата кои се ставени на режаниот тутун немаат врска со содржината, тоа се измислени имиња. Потеклото на тутунот воопшто не е познато, ниту е бренд на сите тие имиња што ги ставаат. Потрошувачите кои го консумираат овој тутун се комплетно во заблуда. Основна работа кај тутунските производи е контролната марка. Доколку нема контролна марка, се работи за шверцуван производ. Не треба воопшто да се купува тутун кој е без контролна марка. Истата на значи само дека се платени давачките, туку и дека тој производ е поминат низ легалните форми на контрола”, објаснува Анастас Маженковски од Царинската управа.
Енормно штетен по здравјето, со несогледливи последици врз економијата и целата тутунска индустрија, шверцуваниот тутун е се поприсутен на пазарите. Целата ситуација е во прилог и економски бенефит само за шверцерите.