Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски од утре, па во следните три дена ќе престојува во официјална посета на Република Чешка каде ќе има работна средба со чешкиот министер за земјоделство, Мирослав Томан, со кога ќе разговараат за заедничката соработка на двете држави во секторот за земјоделство и храна, вклучително и бизнис секторот, како и за пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.
На средбата, информираат од МЗШВ, предвидено е потпишување на Декларација за намера помеѓу Република Чешка и Република Северна Македонија.
-Со Декларацијата е предвидена взаемна соработка на двете држави во делот на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи, размена на искуства во областа на здравјето на растенијата и фитосанитарна политика, шумарската политика, лозарството, производството на вино, консолидацијата на земјоделско земјиште, соработка во евро-интегративните процеси во земјоделските и руралните сектори, како и шумарството, рибарството и аквакултурата и друго, соопшти МЗШВ.
Во рамки на посетата на Чешка, Николовски ќе присуствува и на Националниот саем за сточарство што се одржува во Брно, каде ќе биде придружуван од делегација од МЗШВ и од пет македонски компании од агросекторот. На саемот се предвидени Б2Б средби на македонските компании од млечната и месната индустрија, со чешките компании од областа на земјоделството, со цел воспоставување на бизнис соработка, размена на искуства во делот на сточарството и млекарството, како и зголемување на трговската размена.
Министерот Николовски, воедно ќе посети чешка компанија за производство на трактори и компанија за производство на биогас.
-Со Република Чешка првпат се потпишува документ за соработка во областа на земјоделството, што претставува позитивен импулс во унапредување на взаемната соработка. Како што беше потврдено на втората седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу РСМ и Чешката Република, земјоделството е еден од приоритетните сектори на кој треба да се посвети внимание, бидејќи Чешка увезува значителна количина на земјоделски производи и преработки и тоа претставува можност за пласман на македонските земјоделски производи и зголемување на македонскиот извоз на чешкиот пазар, посочува МЗШВ.