Заменик шефот на Револуционерната гарда Јадолах Џавани денеска изјави дека Техеран нема да разговара со својот најголем непријател – САД и оцени дека Вашингтон „нема да се осуди да покрене воена акција” против Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги повика иранските власти на разговори поради делумното повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година и истакна дека не ја исклучува можноста за воена конфронтација ако е потребно.
– Никакви разговори нема да се водат со Американците, а Американците нема да се осудат да преземат воена акција против нас, посочи Џавани.
Американските авиони бомбардери Б-52 кои Белата куќа ги упати кон Персиски Залив поради неодредена закана од Иран, синоќа пристигнаа во американската воена база Ел Удеид
во Катар.
Белата куќа во неделата објави дека испрати носач на авиони Абрахам Линколн и бомбардери во Персиски Залив поради наводните закани од Техеран. Американската администрација не објасни за какви закани станува збор.
Носачот на авиони Абрахам Линколн вчера помина низ Суецки Канал и плови кон Персиски Залив.
Иран во средата најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од Договорот.
Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.