Луис Хамилтон започна со психички игри и го нападна својот колега и лидер во шампионатот, Валтери Ботас. Петкратниот светски шампион изјави дека неговиот поранешен механичар – кој од оваа година работи веќе со Финецот – е фактор за успехот на Валтери. Рикардо Мусони – или Рики – премина во другата гаража во зима и веќе е во тимот на Ботас.
– Оваа година Валтери го зеде мојот инженер број 2. Го назначија да биде негов главен инженер. Тоа многу му помага и тој дознава многу работи. Јас имам нов втор инженер, со кого работиме многу добро, но е потребно време да постигнеме целосна синхронизација и да продолжиме да се развиваме. Кога си градел нешто шест години и ти земаат дел од него, во почетокот ти се одразува сигурно, изјави Хамилтон пред трката во Барселона.
Хамилтон беше запрашан и на што се должи, според него, врвната форма на Ботас.
– Дефинитивно е поконцентриран од претходните години. Сега прави работи кои очигледно мојот инженер го охрабрува да ги прави. Она што јас го правев со моите поставувања, сега го прави тој, па работите му излегуваат добро. Инаку тој си е силниот Финец, кој отсекогаш бил, смета Британецот.
Промените во екипата на двајцата пилоти се наметнале поради Тони Рос – поранешниот главен инженер на Ботас, кој ја напушти Ф1 и отиде во Формула Е. Според информација на Мерцедес, Хамилтон ја одобрил одлуката Рикардо Мусони да се пресели кај Валтери.