Чавков не знаел дека ќе сведочи во „Тортура“, а не се сеќава дали дал наредба да се апси Бошкоски

Поранешниот министерот за внатрешни работи, Митко Чавков сведочеше на денешното судско рочиште за случајот „Тортура“, во кој  за нечовечно постапување при апсењето на Љубе Бошкоски се обвинетинекс директорот на УБК, Сашо Мијалков и шестмина припадници на „алфите“.

Чавков за сведок беше предложен од СЈО, бидејќи во периодот кога Бошкоски беше уапсен како осомничен за случајот „Кампања“, во јуни 2011 година, бил на функцијата началник на Одделението за организиран криминал.

Тој пред судечкиот совет рече дека не знаел зошто е спроведен од затворот „Скопје“ каде што издржува притвор за случајот „27 април“, па во судницата дознал  дека е повикан за сведок.

-Се сеќавам дека стануваше збор за индикации за коруптивно кривично дело поврзано со финансирање на политички партии. Имавме практика, која јас ја наметнав како началник, независно што работевме по стариот ЗКП, во секое дејствие што го превземавме да се вклучи претставник од Јавното обвинителство, тоа е моето сеќавање за овој случај, бидејќи имаше многу случаи во мојата кариера, рече Чавков.

На прашањето на обвинителот Љубомир Лапе, дали учествувал во овој случај и која била неговата улога, Чавков рече дека не се сеќава на деталите, но е сигурен дека се било документирано, како и за сите случаи.

Обвинителот Лапе го праша и дали во 2011 година, одделението можело да врши снимање со сопствена опрема во затворена просторија?

Чавков рече дека не може да се сети и дека за деталите може да посведочи обвинителот.

-Генерално знам дека во неколку наврати имало документирање на незаконско примање на пари, рече Чавков.

Дали тоа документирање го правело БЈБ или УБК, Чавков повторно рече дека не може да се сети, посочувајќи дека имало случаи кога се координирале, но во случајот рече дека не знае.

На директното прашање на обвинителот, дали Чавков ми се јавил на Ивица Анчевски, командантот на „алфите“ да го уапси Бошкоски, тој рече:

-Не се сеќавам на детали, но со Анчевски ниту организациски, ниту функционално сум бил поврзан. Тој тогаш беше во рамките на СВР Скопје, рече Чавков.

Тој додаде и дека од обвинетите освен Мијалков и  Анчевски друг не познава.

По Чавков сведочеше и Киро Николовски, кој во периодот на апсењето на Бошкоски, бил вработен како сметководител во полициската станица Гази Баба.

Тој раскажа дека Бошкоски бил донесен во станица околу пладне, а со него бил и адвокатот Љубомир Михајловски Џанго.

-Бев известен дека Бошкоски повторно ќе го вратат на местото на апсењето, бидејќи требало да се направи дополнителен увид, рече сведокот.

На прашањето, дали Бошкоси се пожалил на начинот на кој бил уапсен, сведокот рече дека немал забелешка и го потпишале записникот. Тој дополни дека Бошкоски само му се обратил на адвокатот и му рекол:

„Виде ли како ме наместија“!

 

Треба да знаете
Последни објави