Грчката опозициска партија Нова демократија е во водство пред владејачката СИРИЗА во пресрет на европските избори на 26 мај, според двете нови истражувања на агенциите за рејтинг „Alco” и „MRB” спроведени за грчките телевизии, „Open”, односно „Стар”, јави дописничката на МИА од Атина.
На првата анкета Нова демократија е со водство од 5,9 отсто и добива 25,3 проценти, а следат СИРИЗА со 19,4 отсто, Златна зора со 5,5 проценти, Движење на промена со пет отсто и Комунистичката партија со 4,8 проценти, додека пак Независни Грци, Сојуз на централисти и Река, кои што се дел од грчкиот Парламент имаат помалку од 2,5 отсто.
Во анкетата спроведена за телевизијата „Стар”, разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА е 7,4 отсто, додека пак распоредот на силите на грчките партии е сличен како и на првото истражување, со единствена промена на третата позиција – Движење на промена е пред Златна зора.
Во истражувањето за телевизијата „Open”, на анкетираните им било поставено и прашањето „Колку за Вас е важен секој од следните критериуми за изборот за кого ќе гласате на европските избори”, а во можните одговори, што требало да го оценат од 1 до 10, меѓу финансиската ситуација на семејството, финансиската ситуација на земјата, кандидатите за европратеници и слично, им бил понуден и критериумот – Договорот од Преспа, кој се наоѓа на петтото место со 6,4 отсто.
На прашањето „Која партија сметате дека ќе победи на евроизборите”, во истата анкета, 36 проценти одговориле „Нова демократија со мала разлика”, 25 отсто „Нова демократија со голема разлика”, 14 проценти „СИРИЗА со мала разлика”, три отсто „СИРИЗА со голема разлика”, а 22 процента рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.
Во истражувањето на „MRB” за ТВ „Стар”, на анкетираните им биле поставени прашања поврзани со актуелната домашна политика. Педесет и два отсто (36,5 проценти сигурно да, 15,5 отсто веројатно да) се согласуваат со предлогот на Нова демократија за гласање недоверба на алтернативниот министер за здравство Павлос Полакис. Но, негативен е ставот во однос на одлуката на грчкиот премиер оваа иницијатива да ја претвори во гласање доверба на владата. Педесет и три проценти (39,6 отсто сигурно не, 13,7 проценти веројатно не) од испитаниците изразиле несогласување со потегот на Ципрас, а 30,1 отсто (13,6 проценти сигурно да, 16,5 отсто веројатно да) одговориле позитивно.
Во однос на соопштените позитивни мерки од грчкиот премиер за граѓаните, 36,3 отсто од анкетираните ги оцениле како „доста позитивни”, 23,2 отсто „многу позитивни”, 20,2 процента рекле дека „воопшто не се позитивни”, 12,8 отсто „и не толку позитивни”.
Истражувањето на „Alco” за ТВ „Open”, било спроведено од 3 до 6 мај, пред грчкиот премиер да го објави позитивниот пакет мерки за граѓаните и биле вклучено 1.000 лица, а во истражувањето на „MRB” за „Стар”, од 6 до 8 мај, односно по соопштувањето на мерките биле анкетирани 1.139 лица.