„Педагогијата денес и утре” беше насловена научната трибина што Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на УКИМ ја организираше денеска по повод 15 Мај – Денот на педагогијата и 24 Мај – Денот на просветителството. Учесниците дискутираа за различни аспекти на педагогијата, за состојбите и насоките во воспитно-образовната практика, целите на современата настава.
Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев изјави дека целта е да се поттикне заедницата за проблемите и брзината со која се развива образованието и за сите потребни мерки што треба да се преземат ако сакаме, како што рече, да го фатиме светскиот тренд.
Нагласи дека иако новото време бара инженери, доктори, информатичари и програмери, тие не се раѓаат со своите професии, туку дотаму стигнуваат поминувајќи го предучилишното, основното, средното образование.
-Образованието е столб на секое општество и затоа овие трибини се со цел да се разгледаат модерните трендови во светот за и ние да го фатиме процесот. Затоа што без образование, нема држава, истакна Дуев.
Раководителката на Институтот за педагогија Јасмина Делчева-Диздаревиќ рече дека нивните вработени се вклучени во владини и невладини проекти за реформи во образованието но, рече, гледаме дека нема системски решенија и поврзаност меѓу институциите.
– Затоа и настануваат проблемите. Ќе зборуваме гласно сè додека треба, за да нè слушнат и да одиме напред и да видиме каде педагогијата ќе биде утре, рече Делчева-Диздаревиќ.
Настанот го отвори заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, кој рече дека преку законски решенија и проекти според владините приоритети ги интензивираат реформите.
-Навистина ни се потребни промени кои ќе донесат разлика и ќе направат некаков пресврт во општеството. За да ги направивме реформите, секогаш бараме сојуз со општеството – професорите, науката и со сите што може да придонесат. На педагозите, наставниците и воспитувачите им е потребна поддршка, но пред сè им е потребна мотивација и автономен простор, истакна Атанасов.
Во изјава за медиумите тој кажа дека во изминатиот период се стекнал впечаток дека се застанати реформите. Дел од нив, рече, се забавени, а дел интензивно се одвиваат, посочувајќи го средното стручно образование каде што се случуваат промени со внесување на праксата и дуалното образование.
-Очекуваме привршување на драфтот за законот за основно образование и негово влегување во процедура наскоро. Од септември се подготвуваат неколку големи пилот-проекти кои ќе треба да ја променат, пред сè, филозофијата во реформите и образованието, начинот на кој се учи и да внесеме малку повеќе иновации и дигитализација во образованието. Затоа што нашите деца бегаат напред, ние мора да ги стигнеме со современи методи и со начини на кои тие живеат. Треба да им се даде поголем простор на добрите наставници зашто тие знаат како да ја завршат работата, истакна заменик-министерот за образование и наука.
На трибината учествуваше и Дамир Матановиќ, декан на Факултетот за воспитни и образовни науки на Универзитет „Јосип Јурај Штросмаер” од Осиек, кој рече дека со влегувањето на Хрватска во ЕУ пред речиси шест години има промени во педагошката дејност, но не онакви какви што сите сакале.
-Не е дека одеднаш тече мед и млеко. Тоа го нема. Во ЕУ се бара многу работа од нас, многу се бара сами да промениме зашто решенијата не доаѓаат сами. Пазарот е поголем така што на конкурс за работно место може да се јави кој било од Европа, дури и пошироко. Европа носи предизвици, но носи и можности. Затоа и дојдов на оваа трибина за дел од тие можности да им ги пренесам на нашите пријатели од Филозофскиот факултет во Скопје, додаде Матановиќ.