Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев обвини за лажно сведочење на заштитениот сведок С1 за настаните од 27 април каде уставобранителите се осудени на затворски казни од преку два века. Тој во изјава за медиумите сподели со јавноста записник за сведочењето.
-Повод за денешната изјава е записникот што го добивме од т.н „свиркач„ за сослушување на заштитиниот сведок С1 за настаните од 27 април во Собранието каде уставобранителите се осудени на затворски казни повеќе од два века. Од записникот се гледа дека уставобранителите се осудени со лажно сведочење на овој заштитен сведок дотолку повеќе што исказот на овој сведок е цитиран во завршните зборови како клучен доказ. Заштитниот сведок лажно спомнува десетина лица кои на еден или друг начини биле наводно инволвирани на критичниот 27 април. Едно од тие лица сум и јас, за моја наводна инволвираност во настаните од 27 април. Од кога го добивме овој записник јас поразговарав со останите лица и сите тие категорчки ми рекоа дека се работи за лажно сведочење на заштитиниот сведок. Но, во оваа прилика ќе говорам за мојата наводна инволвираност, рече Бачев.
Според записникот, заштитниот сведок сведочел дека Бачев го организирал членството на Единствена Македонија за настаните на 27 април и членството на критичниот ден го споил со Игор Југ, а Јане Ченто го организирал влезот во Собранието.
-Една флагрантна лага, дотолку повеќе што лицето Игор Југ не го познавама ниту пак некогаш сум имал средба. Понатаму, заштитниот сведок сведочи дека после настаните на 27 април, утредента, внимавајте добро, јас сум помагал сега осудените уставобранители да се префрлуваат во Јужна Србија на сигурно. Што да се каже после овие лаги! Една монструозна и нездрава конструкција преку заштитен сведок. Работите стануваат појасни ако се знае дека на судскиот процес кој беше затворен за јавноста кога се сослушувал заштитиниот сведок, обвинтетите уставобранители предложиле и мое сведочење, но судот од за него познати причини го одбил ова иако беа преземени сите мерки согласно ЗКП да не се гледа неговиот идентитет во судницата, рече Бачев.
Според него, сега се отвора патот во последен момент да реагира и претседателот Иванов.
-Претседателе Иванов имате уште 24 часа да донесете одлука за помилување на уставобранителите кои не се терористи туку македонски патриоти.Уставобранителите влегоа во Собранието со силна верба дека го бранат уставниот поредок а не да тепаат било кого и кој да беше таа вечер на местото на Заев ќе поминеше исто земајќи предвид дека претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок. Вашата обврска за помилување е уште поголема ако се знае дека вие како претседател баравте гаранции од Заев при давањето на мандатот токму за она за што сега се осудени уставобранителите што значи и вие ја потврдивте општествената опасност од Заев за уставниот поредок.Со овој записник стана јасно дека уставобранителите се осудени со лажно сведочење на т.н. заштитен сведок. Претседателе Иванов на крајот на вашиот мандат покажете дека сте претседател на Македонците, а не на странците. Затоа, одлука за помилување – ВЕДНАШ!, рече Бачев.