Конкурс за студенти „Со европско знаење до европската престолнина“

„Со европско знаење до европската престолнина“ е насловен конкурсот за избор на есеи, кој ќе одведе во Брисел 12 студенти од додипломските студии на факултетите за општествените науки при државните универзитети во Република Северна Македонија – „Св. Кирил и Методиј“, „Мајка Тереза“, „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Универзитет во Тетово“ и „Универзитет на Југоисточна Европа“.

Конкурсот е дел од активностите кои Секретаријатот за европски прашања (СЕП) ги организира по повод одбележувањето на 9 мај- Денот на Европа, и ќе трае до 19 мај. Целта на натпреварот е да се поттикне критичкото размислување кај студентите во однос на европската интеграција на земјава, како и нивно подобро запознавање со политиките на ЕУ преку учење и истражување.

Студентите кои ќе изразат интерес да учествуваат на конкурсот ќе треба да напишат есеи на теми од областа на европските студии, а комисии составени од професори ќе ги изберат најдобрите меѓу нив. За авторите на најдобрите есеи, Секретаријатот за европски прашања обезбеди награда во вид на тридневна студиска посета во Брисел, каде што студентите ќе ги посетат европските институции, како и мисијата на Република Северна Македонија во Брисел, со цел да се запознаат со нивното функционирање и практично да ја доживеат евопската престолнина.

Треба да знаете
Последни објави