Целта на САД, ЕУ и земјите од регионот е иста – напредок, додека од друга страна, руското влијание повеќе одговара на корупција и несредена состојба, изјави заменик помошниот државен секретар на САД, Метју Палмер, во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој оцени дека е време лидерите на Западен Балкан да ја сфатат својата улога и земјите да ги поведат кон просперитет – ЕУ и НАТО.
Според Палмер, политиката на САД и ЕУ за Западен Балкан е единствена, а тоа е, како што вели, „заеднички да им помогнеме на државите на Западен Балкан успешно да го спроведат клучниот сет реформи и промени кои ќе им помогнат на патот кон евроатланските интеграции, што, секако, подразбира зачленување во некои од клучните институции, како ЕУ и НАТО”.
– Нашата визија, но и визијата на ЕУ е иста и многу едноставна – просперитетен и мирен регион кој е во мир со себе, но и со своите соседи, регион кој е добар составен дел на Европа, вели Палмер.
Тој додава дека визијата на САД и ЕУ за овој регион се разликува од визијата на Русија.
– Сакаме да го видиме регионот како функционира според правила, принципи, во согласност со институциите и транспарентно. Русија, од друга страна, можеби претпочита да види регион кој е поделен, фракциониран, во кој доминираат тензиите. За среќа, визијата што ја делат САД и Европската унија е иста како и визијата на земјите од Западен Балкан, кои сакаат успех и пат напред. Но, Русите, се разбира, ќе продолжат со своите активности како и досега и со нивното негативно влијание, што имавме можност да видиме кога станува збор за Преспанскиот договор, додаде Палмер.
Како пример за „негативно влијание на Русија” ја спомена и Црна Гора.
– Со цел да се осигураме дека земјите од Западен Балкан навистина можат сами да се спротивстават на ова малигно влијание од надвор, ние мора да се осигураме дека нивните институции ќе бидат функционални, одговорни, транспарентни и дека со нив се управува на добар начин, рече Палмер.
Тој истакна дека Соединетите Американски Држави се посветени на ова и дека работат на постигнување на оваа цел во тесна соработка со сите влади и институции во Западен Балкан.