Сириските бунтовнички групи денеска почнале противнапад со цел повторно да ја заземат територијата изгубена во нападот на владините сили изминатава недела во нивното упориште во северозападниот дел на земјата, соопштија државните медиуми и организации кои ја следат војната во Сирија.
Сириската државна телевизија ал-Икбарија тврди дека трупите ги одбиле нападите на бунтовниците врз селото Кафр Набудах, кое владините сили го заземаа три дена претходно.
Од друга страна, Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Англија наведува дека бунтовниците, на чело со Хајат Тарир ал-Шам, кој бил поврзан со Ал Каида, напредувале во селото, предизвикувајќи интензивни судири и воздушни напади од страна на владините сили.
Најновиот бран борби е најсериозен предизвик за прекинот на огнот кој Русија и Турција го постигнаа минатиот септември.