Седми решавачки натпревар за пласман во конференциските финала ќе играат „Торонто“ и „Филаделфија“ како и „Портланд“ против „Денвер“.
Кошаркарите на „Филаделфија сиксерс“ ноќеска на домашен терен беа подобри од Торонто со 112: 101 и изедначија на 3:3 во полуфиналната серија на Источната конференција, а на свој терен мајсторка избори и „Портланд“ по триумфот над „Денвер“ од 119: 108.
Најдобар во „Филаделфија“, каде шестмина играчи имаа двоцифрен број на кошеви, беше Џими Батлер со 25 поени, Бен Симонс постигна 21 кош, со 8 скокови и 6 асистенции, а Џоел Ембид додаде 17 коша и 12 скока. Кај „Торонто“ доминираше Каваи Ленард со 29 поени и 12 скока, додека Паскал Сиакам постигна 21 поен.
Во седмиот натпревар предноста на домашниот паркет ќе ја има Торонто.
„Портланд“ славеше на крилјата на големата тројка- Дамиан Лилард кој постигна 32 поени, Меккалум со 30 и Худ со 25 поени, додека во „Денвер“ стандардно најдобар беше Никола Јокиќ со 29 поени, 12 скокови и 8 асистенции.
Мајсторката е закажана за недела во Денвер.