Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај, во реакција по повод вчерашната парада на српската војска во Ниш, го обвини Белград за провокација кон Косово, но и кон другите соседи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџај на својот Твитер напиша дека воената парада претставува јасен доказ оти Белград не се залага за мир, туку поттикнува војни.
– Вучиќ игра опасни игри. Тој ги собра воените злосторници во Ниш, на воена парада со руско оружје во близина на нашата граница. Ова не е само закана кон Косово, туку и кон другите соседи. Тоа е јасен доказ дека Србија не е земја која сака мир, туку нација која поттикнува војни, напиша Хоџај.
На командувањето на парадата во Ниш од страна на генералот Владимир Лазаревиќ, кој е осуден од Трибуналот во Хаг на 14 години затвор, од кои одлежа 10, реагираше и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Србија, Кајл Скот.
– Срамно е еден осуден воен злосторник да маршира пред тие кои им оддаваат почит на сојузниците кои ги загубија животите борејќи се за правда и мир во Европа, порача Скот преку Твитер.