Хуманитарните организации поврзани со ОН ги прекинаа активностите во северозападниот дел на Сирија, каде на нивните соработници им е загрозена безбедноста поради бомбардирањата.
– Најмалку 16 хуманитарни партнери од 8 мај ги прекинаа операциите во зоните каде се водат борби, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
Светската програма за храна соопшти дека ја прекинала „испораката за околу 47.000 луѓе во бомбардираните градови и села”.
Силите на сирискиот претседател Башар ал Асад и руската авијација од крајот на минатиот месец ги зајакнаа нападите во јужниот дел на провинцијата Идлиб, која е под контрола на џихадистите од групата Хајат Тахрир ал-Шам и околните подрачја.
Според наводите на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, од 29 април до 9 мај своите домови ги напуштиле околу 180.000 лица, а погодени се 15 болнички згради и 16 училишта.
– Некои организации ги суспендираа активностите бидејќи просториите им се оштетени, уништени или изложени на опасност. Други тоа го направија поради безбедност на своите соработници или затоа што населението на кое му помогнале си заминало, наведува во своето соопштение Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
Во бомбардирањата животот го загубиле пет хуманитарни работници.