Традиционална храна од различни држави, книги, ракотворби од домашни и странски уметници, лотарија, музички точки и мини– зоолошка градина, ќе понуди денешниот традиционален хуманитарен базар што ќе се одржи во училиштето „Нова”.
Дел од собраните средства ќе бидат наменети за Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари.
– Семејниот базар е настан кој годинава се одржува по 13. пат и од година во година расте и се развива. Се повеќе луѓе го посетуваат и бројот на средства кои се собрани се зголемува. Досега сме соработувале со голем број институции, а овој пат одлучивме дел од собраните средства да ги намениме за Дневниот центар за деца на улица и се надеваме дека ќе направат промена. Во суштина, секоја година сме отворени за соработка за различен тип на институции на кои им е потребна помош, велат од меѓународното училиште „Нова”.
Манифестацијата ја организира Здружението на родители и професори од „Нова” во соработка со училиштето. Досега дел од собраните средства на настанот биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника, Домот за деца без родители „11 Oктомври” во Скопје, Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост”.