Американското Министерство за одбрана соопшти дека ќе ги распореди системот за противвоздушна одбрана со долг дострел „Патриот” и амфибискиот воен брод „Арлингтон ЛДП-24″ во зоната на Централната команда на армијата на САД (ЦЕНТЦОМ), првенствено задолжена за Блиски Исток и Централна Азија.
– Овие сили ќе им се придружат на американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн” и на единицата борбени авиони на САД во регионот на Блиски Исток, како одговор на индикациите за зголемена подготвеност на Иран да изведе офанзивни операции против воените сили на САД и нашите интереси, се посочува во соопштението на Пентагон.
Во соопштението се истакнува и дека САД не бараат судри со Иран, но оти се подготвени да ја бранат армијата на САД и американските интереси во регионот.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон истакна дека распоредувањето на морски единици предводени од носачот на авиони „Абрахам Линколн” и единиците на борбени авиони во зоната ЦЕНТЦОМ, во Катар е сигнал за иранските власти.
Американските авиони бомбардери Б-52 што Белата куќа ги упати кон Персиски Залив поради неодредена закана од Иран, веќе се во американската воена база Ел Удеид во Катар, додека американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн” се приближува кон Персиски Залив.
Иранскиот ајатолах Јусеф Табатабија Нејад синоќа им порача на САД дека „нивната флота вредна една милијарда долари би можела да биде уништена со една ракета”.
Заменик шефот на Револуционерната гарда Јадолах Џавани вчера изјави дека Техеран нема да разговара со својот најголем непријател – САД и оцени дека Вашингтон „нема да се осуди да покрене воена акција” против Иран.
– Никакви разговори нема да се водат со Американците, а Американците нема да се осудат да преземат воена акција против нас, посочи Џавани.
Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.