Отакако неодамна донесе одлука дека указите на претседателот во заминување Ѓорге Иванов за унапредувањата и поставувањата во Армијата се незаконски, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера побарала дополнителни документи со кои биле извршени решенијата. Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска смета дека тие не само што треба да бидат поништени, туку и оти парите од зголемените плати треба да се вратат, иако, смета, многу побитна е пораката на Комисијата дека законот важи за сите.
-Мислам дека многу поважна беше политичката порака дека законот важи и за секој претседател, како што важи за премиер, за секој министер… Претседателот во заминување Иванов очигледно сакаше да покаже дека за него ништо не важи и затоа според официјалниот допис од Антиикорупциска против него се покренува прекршочна постапка, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во изјава пред Владата, додавајќи дека очекува потребните документи да бидат доставени до ДКСК в понеделник.
Таа смета дека новоизбраниот претседател Стево Пендаровски има ингеренции да постапува во врска со овој случај и очекува тој тоа да го направи.
-Дефинитивно, сегашниот претседател ги има сите ингеренции што има еден претседателот во полн капацитет особено во делот на поставувањата тоа ќе биде одлука која ќе ја носи Пендаровски, рече таа.
Сигурна сум, додаде министерката Шекеринска, дека новиот претседател и ние како извршна власт ќе направиме се да не дозволиме било кој да ги крши законите.
Државната комисија за спречување на корупцијата ( ДКСК) на седница одржана на 24 април донесе одлука за поведување две прекршочни постапки против претседателот на државата Ѓорге Иванов за донесени укази за унапредување и поставување старешини во Армијата за време на изборниот период, објавени во Службени весник на 26 февруари 2019 година, што претставува непочитување на забраните утврдени на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на
интереси.