Не сме тука поради партиите, ниту поради Америка, Русија или Европа, ние сме тука заради нас, порачаа граѓаните во Белград на вчерашниот 23-ти протест “Еден од пет милиони”.
Откако пред Теразијска чешма на граѓаните им се обратија адвокатот и претседателот на Правниот совет на Народната партија Владимир Гајиќ и актерот Ханџи Ненад Маричиќ, граѓаните започнаа протестна прошетка низ централните градски улици, преку зградата на РТС до претседателската палата во „слободната зона” во Пионерскиот парк, каде што од минатата саботоа секојдневно во импровизиран шатор дежураат претставниците на опозициските партии.
На почеток на протестот, Владимир Гајиќ во говорот оцени дека граѓаните веќе 30 години се „заложници на тројца лица – Слободан Милошевиќ, Воислав Шешељ и Александар Вучиќ.”
Тој наброја четири работи кои се неопходни за промена на системот во Србија.
Тоа се – преку лустрација, забрана за работата на Српската напредна партија, Српската радикална партија и Социјалистичката партија, потоа восоставување на правен механизам за Србија „конечно да се отргне од прегратката на мафијата.”
Како трета работа Гајиќ кажа дека е неопходно да се прекине континуитетот на службата за државна безбедност, која се нема променето и која останала исклучиво политичка полиција, која доколку не се трансформира од темел, нема шанси во Србија да има какви било промени на системотот.
-Оваа служба, што е докажано во правосилните судски постапки на српските судови, го ликвидира претседателот на Србија – Иван Стамболиќ, еден независен и слободен новинар – Славко Чурувија, еден српски премиер – Зоран Ѓинѓиќ, и два пати се обиде неуспешно да го убие тогашниот лидер на опозицијата Вук Драшковиќ (…)
Како четврта работа , Гајиќ го наведе образованието.
Протестната прошетка заврши во „слободната зона” каде што на граѓаните им беше прочитан „Дневникот на слободна Србија”.
Слободната зона е создадена на претходниот протест, и е место каде што граѓаните можат да разговараат со опозициските општински советници и пратениците на Народното собрание.
Пред формирањето на „слободната зона”, организаторите и опозициските лидери составија тим на независни експерти кои треба да разговараат со владините претставници за регулирање на три клучни точки -ослободување на медиумите, регулирање на злоупотребата на Регулаторната комисија за електронски медиуми и слободни и фер избори.
Засега меѓу опозицијата и власта на Александар Вучиќ се уште нема никаква меѓусебна дискусија.
Протестите во Белград кои траат повеќе од пет месеци започнаа на 8 декември, откако лидерот на движењето Левица, Борко Стефановиќ, беше претепан пред почетокот на форумот на Сојузот за Србија во Крушевац.