Почина славната актерка
Една од главните ѕвезди на серијата „Twin Peaks“, актерката Пеги Липтон почина утрово на 72-годишна возраст.
Липтон подолго време боледуваше од рак и нејзините последни мигови ги помина заедно со нејзините ќерки Рашида и Кидада.
-Срцето ни е скршено и со голема жал ја соопштуваме веста дека нашата мајка денеска почина од рак. Таа почина мирно, а покрај неа беше најблиското семејство. Среќни сме поради секој момент што го поминавме со неа, пишуваше во соопштението на нејзиното семејство.
Пеги Липтон беше родена на 30 август 1946 година, а на само 15 години почна да ги прави првите чекори во кариерата како модел. Веќе на 19 години беше забележана од неколку модни агенции, но и од телевизиската индустрија, по што се појави во серии како „The John Forsythe Show“, „Bewitched“ и „The Mod Squad“, за која доби и Златен Глобус.
Она што ѝ ја донесе големата слава е нејзиното појавување во улогата на Норма Џенингс од култната телевизиска серија „Twin Peaks“ на режисерот и сценарист Дејвид Линч.
Липтон беше во брак со славниот музички продуцент Квинси Џонс од 1974 до 1989 година, со кого ги доби двете ќерки.